Македонски (Macedonia)English (United Kingdom)

                                       

 

FacebookTwitter
За регионот PDF Печати Е-пошта

За регионот

           Вардарскиот плански регион се простира во централниот дел на Република Македонија и го опфаќа средното сливно подрачје на реката Вардар, долните теченија на притоките Брегалница и Црна Река и крајниот западен дел од Овчеполе.

        Зафаќа површина од 4042 km или 16% од територијата на Република Македонија. Во овој регион влегуваат 9 општини  во кои се лоцирани 215 населени места. Регионот се одликува со исклучително ниска густина на населеност од 38 жители/km (во споредба со просекот на земјата од 81 жители/km) и голема концентрација на населението во градските средини (околу 69%). Речиси половина (четири) од општините во регионот се рурални.

 

Природни ресурси

 

        Вардарскиот плански регион има одлични климатски услови за развој на земјоделството и особено, лозарството. Земјоделското земјиште зафаќа површина од 145.699 ha (12% од вкупната земјоделска површина во Република Македонија), од кои обработливи површини се 70.006 ha и пасишта 75.666 ha. Во овој регион има околу 45% од вкупните лозови насади во земјата. Вкупната површина под шуми изнесува 150.009 ha (15% од вкупните шуми во Република Македонија). Дрвната маса изнесува 8.8 милиони m (11% од вкупната дрвна маса во земјата), додека планираниот сечив етат на дрвната маса учествува со 10%.

 

         Од минералните ресурси во регионот најважно економскo значење имаат ферониклоносните руди, а застапени се перлитот, талкот, кварцитите и дијатомејската земја.

Водни ресурси на регионот се долните теченија на реките: Вардар, Црни Дрим, Брегалница, Бабуна, Тополка и Отовица кои даваат можност за изградба на 6 хидроакумулации, од кои досега

се подигнати три - “Тиквеш“,“ Лисиче” и “Младост”.

Природно и културно-историско наследство

 

         Од обилното природно и културно-историско наследство во регионот, посебно се издвојуваат природниот резерват “Тиквешко Езеро“, споменикот на природата „Демир Капија“ и археолошкиот локалитет Стоби кои претставуваат значајни ресурси за развој на туризмот. Долгогодишната традиција за производство на вино овозможува развој на винскиот туризам. Исто така, регионот има потенцијал за развивање на планински туризам преку изградба на ски центарот на Кожуф.

 

 

Население и демографски карактеристики

 

        Според пописот на населението од 2002 година Вардарскиот плански регион имал 154,535 жители. Регионот се одликува со исклучително ниска густина на населеност од 38 жители /км 2 со голема концентрација на населението во градските средини.

 

Економски карактеристики

 

       Регионот има исклучителен потенцијал за развој на стопанството. Централната позиција во државата, Коридорот 10 и автопатот, близината на двата аеродрома (Александар Велики и карго аеродромот Штип), железничката пруга и реката Вардар како реципиент се предуслови кои го прават регионот исклучителна бизнис дестинација.

 

 

Сообраќајна инфраструктура

 


        Постојната патна инфраструктура во Вардарскиот плански регион се состои од околу 909 km локални патишта, 56.5 km автопат, 60.5 km магистрални и 577 km регионални патишта.

 

       Низ Вардарскиот плански регион минува дел од железничката линија Скопје-Велес-Гевгелија-граница со Грција во должина од 106.6 km, како и дел од линијата Велес-Битола(45 km), линијата Градско-Сивец (16.3 km) и дел од линијата Велес- Кочани (15.6 km). Вкупната должина на железничката мрежа изнесува 183.5 km што претставува густина од 44.2 km на 1000 km, што е над националниот просек од 27 km. Во овој регион се лоцирани три леталишта за стопанска авијација (Пеширово - Свети Николе; Црвени брегови –Неготино и Росоман - Кавадарци).

      Регионот граничи со Скопскиот плански регион и има релативно добар и брз пристап кон аеродромот „Александар Велики“ во Петровец, Скопје.

     Значајно за овој регион е што низ него поминува дел од нафтоводот Солун до Скопје кој се протега по должината на Коридорот 10.

 

Енергија

 

        Во однос на електричната енергија посебно значење има ТЕЦ Неготино, а во овој регион се наоѓа и трафостаницата Дуброво што има централно место за пренос на електрична енергија внатре во Република Македонија и кон (од) Грција. На подрачјето на Неготино постојат можности за ископ на јаглен за производство на електрична енергија, меѓутоа оваа опција треба дополнително да се истражува.

        Како енергетски потенцијал на Вардарскиот регион од посебен интерес е искористувањето на хидропотенцијалот на реката Вардар со енергетскиот проект на Вардарска долина.

        Вардарскиот регион има голем број сончеви часови во годината, како и значајно присуство на ветер, така што постои можност за искористување на енергијата на ветрот и сонцето.

 
Copyright © 2017. Центар за развој на Вардарски плански регион. Designed by Pance