Во организација на Министерство за локална самоуправа и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), се одржа консултативен настан на тема „Унапредување и зајакнување на меѓуопштинската соработка во локалната самоуправа“, на кој присуствуваше и в.д. директорот на Центарот за развој на Вардарски плански регион.
На настанот учествуваа градоначалници, претставници од општините, институциите и меѓународните партнери. Настанот го отвори министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој ги поздрави присутните и даде вовед во процесот што ќе биде во фокус во наредниот период.
Беше истакнато дека Министерството за локална самоуправа започнува отворен и инклузивен процес за унапредување на законската рамка, во кој ќе бидат вклучени сите општини, донаторската заедница и експертската јавност. Целта е да се детектираат потребните измени што ќе овозможат олеснување и поттикнување на меѓуопштинската соработка, како значаен инструмент за поефикасно и одржливо вршење на надлежностите на локално ниво.
Во рамки на настанот, воведна презентација имаше државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Јулијана Павковска Боцевска, која се осврна на улогата на Министерството во унапредувањето на меѓуопштинската соработка и имплементацијата на препораките од оценските мисии во рамки на функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрација.
Беше презентиран и Извештајот за остварена меѓуопштинска соработка во 2025 година од страна на Сузана Најкова, раководител на Секторот за локална самоуправа во рамки на Министерството, додека Извештајот за оценка на спроведувањето на Законот за меѓуопштинска соработка го презентираше проф. д-р Мемет Мемети.
Во делот посветен на имплементацијата на препораките од Извештајот за мониторинг од оценската мисија согласно начелата на јавната администрација на СИГМА од 2024 година, свое обраќање имаше Баграт Туњан, раководител на професионалниот тим за стратешко планирање и развој на политики и раководител за Република Северна Македонија.
Во рамки на панел-сесијата на тема „Меѓуопштинската соработка како механизам за премостување на предизвиците при испорака на локалните услуги“, активно учество земаа претставници од повеќе институции и единици на локалната самоуправа.
Учесниците на настанот се согласија дека понатамошниот развој на меѓуопштинската соработка бара координирани чекори на повеќе нивоа. Притоа беа идентификувани и клучни препораки што опфаќаат воспоставување финансиска поддршка, систематски обуки и градење капацитети, поедноставување на административните постапки, дигитализација, зајакнат надзор, функционална евиденција на сите активни форми на меѓуопштинска соработка, како и подигање на јавната свест за придобивките од соработката.
Меѓуопштинската соработка им овозможува на општините да развиваат заеднички решенија над административните граници и претставува еден од клучните механизми за поефикасно обезбедување јавни услуги и одржлив локален развој.
#ВардарскиПланскиРегион #МеѓуопштинскаСоработка #ЛокалнаСамоуправа #РегионаленРазвојМинистерство за локална самоуправа
No comment yet, add your voice below!