Со презентација на реквизити за обезбедување на пристап до плажа и вода, и со музички хепенинг на R’n’B Neighbours и ДНК, на езеро Младост беше промовирано инклузивното игралиште „Парк на срцата“.
Игралиштето е дел од проектот „ИНКЛУЗИВЕН СМАРТ ТУРИЗАМ – рекреативни содржини и услуги за еднаков пристап до туристичката атракција Езеро Младост“, кој го реализира Центарот за развој на Вардарски плански регион и Општина Велес, а е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, Министерство за локална самоуправа и Општина Велес.
Инклузивен Смарт Туризам претставува подобрување на пристапноста и развој на инклузивноста преку воведување на нови рекреативни содржини и услуги и нивно интегрирање со постојните содржини во туристичката атракција “езеро Младост” за да се овозможи еднаков пристап за сите домашни и странски посетители.
- „Во рамките на проектот се набавени и реквизити за обезбедување на пристап до плажа и вода, со што создаваме можности за квалитетен живот и за лицата со попречености, за што сме посебно горди. Ова е голем исчекор напред во насока на социјална инклузија и создавање еднакви можности за сите, преку развој на нови содржини и за посетителите со ограничена мобилност и попречености. Паркот освен децата со попреченост, ќе можат да го користат и сите други деца. Тоа е и нашата цел, да биде отворен за сите, да се интегрираат, и заедно децата да уживаат во забавата. Тоа е во пракса целосна еднаквост“, рече Игор Андреев, в.д. раководител на ЦРВПР.
- Инклузивното игралиште “Парк на Срцата” не е само обичен парк кој ќе го ползуваат нашите најмлади сограѓани, туку тоа значи подигнување на свеста кај сите граѓани дека и лицата со попречености треба да добијат можност и да се третираат еднакво со што го добиваат правото да функционираат во заедницата исто како и останатите граѓани”, рече градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски.
Со забавниот парк и со реквизитите за обезбедување на пристап до плажа и вода, во следната година ќе работи Здружението на лица со церебрална парализа и Здружението за безбедност на вода и планина Македонски Спасител.
No comment yet, add your voice below!