Денеска во Скопје се одржа финалниот настан на програмата финансирана од Европската Унија „ЕУ за општините“ (EU4M), на кој беа доделени признанијата за општинска извонредност „EUMEL“ на локалните самоуправи и институции кои покажаа исклучителни резултати во искористувањето на европските фондови и унапредувањето на локалниот развој.
Особена чест и задоволство ни претставува што Центарот за развој на Вардарскиот плански регион беше добитник на признанието „EUMEL“ за извонредни перформанси во обезбедување обуки и техничка помош за општините.
Признанието беше доделено врз основа на успешно реализираната прва интерна работилница „Основна употреба на ИТ алатки и вештачка интелигенција (AI) во пракса“, организирана од страна на Центарот за развој на Вардарски плански регион на 16 април 2026 година во просториите на Vardar Innovation Hub, со поддршка од проектот „ЕУ за Тебе“ (EU4M – project funded by EU).
На работилницата учествуваа 24 претставници од општините, како и претставници на општински институции и организации од Вардарскиот регион, кои имаа можност да ги унапредат своите знаења и практични вештини во областа на ИТ алатките и вештачката интелигенција. Стекнатите компетенции беа валидирани преку писмена проверка на знаење.
Обуката беше реализирана од сертифицирани обучувачи обезбедени преку програмата EU4M, што претставува значаен придонес кон јакнењето на институционалните капацитети на општините и центрите за регионален развој.
Овој настан уште еднаш ја потврди потребата од ваков тип обуки и покажа дека општините и центрите за регионален развој имаат капацитет успешно да организираат обуки и да обезбедуваат експертиза во областа на дигиталната трансформација и современите технологии.
Нашата улога како Центар е да бидеме мост помеѓу европските фондови и локалните самоуправи, овозможувајќи им поддршка во подготовка, аплицирање и реализација на проекти од значење за локалниот и регионалниот развој.
Ова признание претставува дополнителен мотив за продолжување на нашите активности насочени кон:
• зајакнување на капацитетите на општинските администрации за привлекување европски средства, инвестиции и грантови;
• поттикнување на меѓуопштинската соработка и регионалниот пристап во решавањето на предизвиците поврзани со дигитализацијата, енергетската ефикасност и одржливиот развој.
Им благодариме на сите партнери, институции и поединци вклучени во програмата за препознавањето на трудот и посветеноста на регионално ниво.
Центарот за развој на Вардарскиот плански регион останува посветен партнер во процесот на европеизација, модернизација и одржлив развој на нашите општини.
No comment yet, add your voice below!