Во просториите на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион одржа работилница со претставници од одделенијата за локален економски развој (ЛЕР) на општините во регионот, посветена на финалната евалуација на Програмата за развој на Вардарскиот плански регион за периодот 2021–2026 и подготовката на новата Програма за развој на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион за периодот 2027–2031.
Целта на работилницата беше да се поттикне активното учество на општините во процесот на евалуација на досегашните развојни политики, да се разгледаат постигнатите резултати и предизвиците во нивната реализација, како и да се идентификуваат клучните потреби и развојни приоритети на регионот за наредниот програмски период.
Преку размена на мислења, искуства и предлог-проекти, учесниците дискутираа за областите во кои е потребен дополнителен развој, проектите што треба да продолжат и новите иницијативи што можат да придонесат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Посебен акцент беше ставен на утврдувањето на заедничките регионални приоритети, проектите од пошироко регионално значење и можностите за меѓуопштинска соработка, како и на потенцијалот за обезбедување финансиска поддршка преку националните програми, фондовите на Европската Унија и други донаторски извори.
Учеството на општинските администрации е од особено значење за создавање реална, применлива и на потребите на граѓаните заснована развојна програма, која ќе ги одразува потенцијалите и предизвиците на Вардарскиот плански регион.
Заедно кон порамномерен, одржлив и конкурентен Вардарски плански регион!
No comment yet, add your voice below!